СДСМ бара итна седница на Парламентот, а од Владата целосна информација за вчерашниот инцидент на северната граница. Вака започна денешната собраниска седница посветена на пратеничките прашања.
Серијата прашања до Владата ја отвори Јован Манасиевски со потсетување дека денеска изминува токму еден месец од инцидентите во Парламентот кои, како што рече, се голем срам за земјата. Дали на телевизиските снимки го видовте однесувањето на заменик-министерот за внатрешни работи Рефет Елмази - го праша Манасиевски премиерот Никола Груевски, потсетувајќи дека ЛДП има поднесено и интерпелација за неговата работа:
- Ако сте ги виделе тие снимки, тогаш ме интересира зошто не презедовте одредени мерки, или можеби сте презеле, а јавноста не е информирана.
Жалам за сето она што се случи во Парламентот - рече Груевски, најавувајќи дека ќе го каже својот став, но дури откако анкетната комисија ќе ја заврши својата работа:
- Ги прибирам сите информации, разговарав со повеќе личности во врска со тоа уште утредента, а и во наредните денови што следуваа, и по завршувањето на работата на Анкетната комисија ќе одговорам дали и кон кого од моја страна би се презеле одредени чекори.
Манасиевски, незадоволен од одговорот, продолжи со прашањата за одговорноста на Елмази кој е од редовите на ДПА. Тоа повторно ја крена тензијата во Парламентот. Реагираше Ружди Матоши:
- Биди малку покултурен, бидејќи и јас можам да те навредам. Може очите да ти излезат од местото од моите навреди кои можам да ти ги упатам.
Спикерот Љубиша Георгиевски, кој денеска неколкупати интервенираше за време на дебатата, ги замоли пратениците за процедуралните забелешки, отсега да му се обраќаат нему, а не вербално да се пресметуваат.