Линкови за пристапност

Буш во посета на опожарена Калифорнија, полицијата истражува дали пожарите се подметнати


Претседаелот Џорџ Буш вчера ја посети Калифорнија, од прва рака да се информира за последиците од шумските пожари во оваа сојузна држава кои уништија преку илјада домови и доведоа до евакуација на половина милион луѓе.

Властите вчера пронашле две изгорени тела во дом во областа на Сан Диего, со што бројот на директни жртви од пожарите се зголеми на најмалку три. Пет други лица во поодминати години починаа за време на евакуацијата.

Во придружба на гувернерот на Калифорнија Арнолд Шварценегер, Буш најпрвин со хеликоптер ја обиколи целата погодена област, а потоа посети изгорено соседство во близината на Сан Диего.

Буш веќе одобри федерална помош за седумте најпогодени општини во Калифорнија. Топлите ветришта, што од неделата-наваму ги разгоруваа вкупно 15-те пожари конечно спласнаа, со тоа барем за малку олеснувајќи им ја работата на пожарникарите. Според официјални проценки, штетата изнесува над една милијарда долари.

Властите ја истражуваат можноста дел од пожарите да бидат подметнати. Полицијата во општината Сан Бернандино упаси едно осомничено лице. Друго лице било убиено во полициска потера откако, како што се наведува, не го запрело возилото и на крај со него удрило во полициско возило.

Гувернерот Шварценегер понуди награда од 50 илјади долари за информација што ќе доведе до апсење на подметнувачите на пожарот во Кањонот Сантјаго во близината на Лос Анѓелес, што причини штета од милиони долари.

XS
SM
MD
LG