Линкови за пристапност

Нови санкции против Иран, елитните сили Кудс означени за поддржувач на тероризмот


Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс, која ги објави санкциите заедно со секретарот за финансии Хенри Полсон, кажа дека одлуката е резултат на иранското одбивање да одговори на меѓународните барања да се откаже од, како што рече, „немудрата кампања“ за постигнување на капацитет за нуклеарно оружје.

Иран негира дека развива нуклеарно оружје и тврди дека нуклеарната програма е исклучително за мирнодопски цели.

Дел од санкциите е означувањето на Иранската револуционерна гарда како организација која шири оружје за масовно уништување, а елитните сили Кудс како поддржувач на тероризмот за наводната материјална поддршка на терористички групи како Хезболах во Либан и Талебан во Авганистан. Санкциите предвидуваат и мерки за изолација на три банки во државна сопственост и над 20 ирански физички и правни лица.

Рајс нагласи дека САД се за дипломатско решение на спорот со Иран, но и дека нема да се двоумат да реагираат на меѓународен план доколку Техеран не го смени однесувањето:


”Доколку иранската влада ги исполни меѓународните обврски да прекине со процесот на збогатување ураниум и репроцесирање, ќе се приклучам на колегите од Британија, Франција, Русија Кина и Германија и ќе се сретнам со иранскиот колега, секаде и во секое време. Ќе бидеме подготвени за дискусија за секое прашање. Но, ако иранските владетели продолжат по патот на конфронтација, САД ќе реагираат во меѓународната заедница за да се спротистават на заканите од иранскиот режим.”

Ова е по првпат САД да воведат санкции против армија на една земја.

Вчера, на распит во Конгресот, Рајс кажа дека иранската влада води политика што е штетна по долгорочните интереси на иранскиот народ, иранските соседи и регионот. Рајс оцени дека таа политика е можеби „најголемиот поединечен предизвик“ по американските безбедносни интереси.

XS
SM
MD
LG