Линкови за пристапност

Милошоски: Македонија ја користи силата на аргументите


Денес македонскиот државен врв ќе ги усогласува ставовите и ќе договара стратегија за новата рунда преговори со Грција во спорот со уставното име. Во Кабинетот на шефот на државата освен премиерот и министерот за надворешни работи ќе биде и преговарачот Никола Димитров, кој на 1 ноември во Њујорк ќе разговара со грчкиот претставник со посредство на Метју Нимиц.

Шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски вели дека е пожелно да се најде решение за овој билатерален спор до априлскиот самит на НАТО:

- Македонија во овој процес ја користи силата на аргументите, додека за жал, Грција во одредени моменти ги користи аргумените на силата за да изврши притисок врз Македонија. Ние како држава со аргументи ќе го браниме нашето право на уставно, национално име и сопствен идентитет.

Милошоски истакнува дека Грција е таа што оспорува уставното име на Република Македонија и апелира до властите во Атина на зрелост во интерес на стабилноста во регионот.

- Очекуваме од Грција како најстара членка на ЕУ и НАТО во регионот да покаже зрелост и да ја даде својата поддршка за заедничките цели кои ги има НАТО – секако и ЕУ - овој регион да влезе во зоната на стабилност и да ја постигнеме заедничката цел - со интегрирање во НАТО да си помогнеме едни на други. Тоа ќе биде од корист за Македонија, но во секој случај и директна корист за Грција.

XS
SM
MD
LG