Полицијата потврди дека врз полицајците било пукано додека вршеле редовна патрола на граничната линија. Полицискиот џип паднал во провалија кога врз патролата бил отворен оган од автоматско оружје. Не е познат идентитетот, ниту пак бројноста на групата која го извршила нападот, соопшти МВР. За полицијата не е познато ни од каде доаѓа оваа група, иако постојат претпоставки дека тие се уфрлени на македонска територија од прешевската долина.
Поранешниот командант во ОНА Џезаир Шаќири - Хоџа, кој претходно беше учесник во инциденти во таа област, тврди дека нема негова вмешаност во инцидентот:
- Можам да ви гарантирам дека во Танушевци, ниту јас, ниту никој не слушнавме ништо, ниту еден селанец. Може слободно да дојдете да ги прашате дали слушнале нешто. Не слушнавме ништо и не знаеме ништо, изјави поранешниот командат на ОНА за Телевизијата А1. Според МВР инцидентот се случил вчера во 12 часот и 50 минути.