Линкови за пристапност

Вражиновски, Зајази и Тодоровски први добитници на државната награда 23 октомври


Ако не беше овој голем ден во историјата, ќе ги немаше Илинден 1903-та, 11-ти октомври, денешна независна Македонија, рече академик Томе Бошевски. Тој денеска на етнологот Танас Вражиновски, на методичарот Тахир Зајази и на книжевникот Гане Тодоровски им ја додели државната награда 23-ти октомври, за долгогодишни значајни достигнувања во областа на науката, културата, образованието, заштита на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно - историското наследство.

- Како плод на една вековна револуционерна борба на нашите претци, денес на едно парче од македонската земја ја имаме РМ. Иако дојдоа други времиња, иако запре ѕвекотот на оружјето, не престанаа македонските маки за докажување на својата самобитност и исконско постоење.

Танас Вражиновски, еден од тројцата кои ја добија оваа награда што од оваа година се востановува во Македонија, се заблагодари во името на сите добитници. Ова е завет што ни го оставија нашите претци, рече тој.

-Овој ден и оваа награда носат голема симболика. Тие ги обединуваат сите народни востанија, кренати за ослободување на Македонија, им се оддава почит на сите паднати борци низ борбените полиња на македонските земји на Балканот и пошироко во името на слободата и достоинството на човекот. Во сите овие востанија без оглед на разликите, народот беше единствен, бидејќи борбата имаше единствена цел - национално ослободување и создавање на македонска држава. Се поставува прашањето: Каков завет нашите сегашни генерации им оставаат на наредните?

Етнологот Танас Вражиновски целиот професионален век го посветил на проучување на македонскиот фолклор и етнографија. Тахир Зајази е истакнат педагог и методичар, а Гане Тодоровски е афирмиран поет, критичар, преведувач, и книжевен полемичар, кој своето творештво го посвети на македонското име и дело.

XS
SM
MD
LG