Пожарите што се шират со помош на силни ветрови што деновиве владеат во Калифорнија веќе однесоа еден човечки живот и уништија повеќе од 1.400 хектари во околината на Сан Диего, во непосредна близина на границата со Мексико, како и околу престижната населба Малибу, во близината на Лос Анѓелес. Повеќе од илјада пожарникари се борат со стихијата, а четворица биле повредени.
Речиси половина милион луѓе беа евакуирани од областа на Сан Диего.
Шефот на пожарникарите во Лос Анѓелес Мајкл Фриман вели дека најверојатно паднати електрични кабли го предизвикале пожарот во Малибу.
Во неделата гувернерот на Калифорнија Арнолд Шварценегер објави вонредна состојба за седум јужни општини во сојузната држава.