Линкови за пристапност

Неизвесно продолжувањето на работата на Анкетната комисија за инцидентите


Пропадна обидот на претседателот на Собранието на РМ да издејствува продолжување на работата на Анкетната комисија што ги истражува неодамнешните инциденти во овој дом. Љубиша Георгиевски на вчерашната средба на координаторите на парламентарните партии не успеа да ја убеди Демократската партија на Албанците да го врати својот член во Комисијата, што е главна причина за блокадата. Пратеникот од ДПА Ружди Матоши не даде изјава по средбата. Но, претходно, вината за застојот ја лоцира кај претседателот на комисијата Стојан Андов, кој, според него, по своја волја одлучил тој ден, во вторникот на 16-ти октомври, комисијата да ја прекине работата.

- Другите комисии тој ден работеа до 14 часот и сите тие ја заокружија својата работа. Само Анкетната комисија - не. Ние сметаме дека г-динот Андов не беше рационален и беше под притисок на пратениците од СДСМ, на нерационален начин, така арбитрарно ја прекина работата на комисијата.

Андов ја прекина седницата на Комисијата во моментот кога требаше да сведочи лидерот на ДПА Мендух Тачи, поради, како што рече, неработењето на целото Собрание заради загинувањето на Тоше Проески. Како одговор на тоа, Тачи се закани дека ниту тој веќе ќе се појави пред Комисијата, ниту пак членот од неговата партија. Матоши рече дека ДПА се` уште немала изграден став за тоа дали ќе се врати во Комисијата. Георгиевски им даде време да размислат, а од Андов побара да не поднесува оставка како претседател на Комисијата.

Ова е обид на власта за забошотување на случајот и негативен поен за Република Македонија, оценуваат од опозицијата.

- На координацијата со пратеничките групи и со претседателот не се договоривме ништо во насока на продолжување на работата на Анкетната комисија, со оглед дека во ДПА се` уште немаат став дали да се вратат и да учествуваат во работата на Комисијата. Очигледно е дека парламентарното мнозинство, овој пат преку ДПА, ги прави сите можни напори да не се заврши работата на Анкетната комисија и со тоа до крај да не се расветлат немилите настани, вели Роза Топузова Каревска

- Комисијата мора час поскоро да излезе со извештај. Во овој момент, очигледно парламентарното мнозинство не сака да се дојде до вистината. Се избираат аргументи кои ниту држат, ниту се адекватни на реалноста, со единствена цел да се забошоти целиот случај. За жал тоа ќе биде уште еден негативен поен за РМ, кажа Јани Макрадули.

Неофицијално, лидерот на ДПА пред дипломатите ветил дека неговата партија ќе се врати во Комисијата. Агим Рамадани, членот на ДПА во Комисијата најавува дека е можно в среда да биде познат ставот на неговата партија. Анкетната комисија веќе неколку дена го проби седумдневниот рок што го имаше за да ја открие вистината за инцидентите и да подготви извештај.

XS
SM
MD
LG