Линкови за пристапност

Гејтс во Полска: очекувам соработката да продолжи


Американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс вели дека е прерано целосно да се оцени влијанието на неделните избори во Полска со кои на власт дојде опозиционата партија. Но, тој се надева дека Полска ќе продолжи да работи со САД на ракетната одбрана, како и во воените операции во Ирак и Авганистан:

- Без оглед на составот на владата, очекувам дека соработката ќе продолжи.

Виш американски претставник за одбраната вели дека САД сакаат да ги завршат преговорите со Полска и со Чешката Република на време за нивните парламенти да ги земат на разгледување договорите за ракетна одбрана на почетокот на следната година, за изградбата да започне подоцна во текот на годината. Но, тој вели дека разговорите со Полска не се толку напреднати како разговорите со Чешката Република.

Овој виш претставник, кој говореше под услов да остане анонимен, вели дека разговорите ќе продолжат и покрај руското противење на американскиот план да инсталира систем за противракетна одбрана во Централна Европа. За време на посета на Москва, порано месецов, секретарот Гејтс презентирал некои тајни предлози дизајнирани за олабавување на руската загриженост. Американскиот претставник вели дека до крајот на минатата недела, Русија не одговорила на идеите.

По средбата со чешки претставници за ракетна одбрана и други прашања, следна станица на Гејтс е Холандија, каде ќе учествува на состанокот на НАТО-министрите за одбрана. Тој вели дека ќе изврши притисок на сојузниците да ги исполнат своите ветувања да испратат сили за безбедносните напори предводени од НАТО во Авганистан.

XS
SM
MD
LG