Администрацијата на претседателот Буш презема, како што вели нејзин виш претставник, исцрпни дипломатски напори за да ја намали тензијата по нападите на Курдската работничка партија на турска територија. Инцидентот може да резултира со регионален конфликт и да предизвика огромна штета на американските интереси.
Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс ги предводи тие напори. Во неделата таа имаше одвоени телефонски разговори со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган и со ирачкиот курдски регионален претседател Масуд Барзани.
Портпаролот на Стејт департментот Шон Мекормак вели дека Рајс ги повикала владите на Ирак и Турција на соработка против, како што ја нарече, заедничката закана што доаѓа од Курдската работничка партија, која САД одамна ја сметаат за терористичка организација.
Рајс воедно ја повикала официјална Анкара да се воздржи воена акција во Ирак по нападот од неделата во Турција зад која стои Курдската работничка партија, а во кој загинаа 12 турски војници.
- Не веруваме дека унилатерални прекугранични операции се најдобриот начин за решавање на ова прашање. Најдобриот начин е да се соработува со ирачката влада, а ние ќе сториме се што е во наша можност да обезбедиме соработка меѓу владите на Ирак и Турција. Важно е да има акција за справување со Курдската работничка партија, а ние сакаме да видиме таква акција од ирачката влада преку соработка со турската влада, вели портпаролот Мекормак.
Ирачките власти тврдат дека милитантите на Курдската работничка партија оперираат во изолираните области долж турската граница кои се надвор од контрола на ирачките безбедносни сили. Меѓутоа, турските власти сметаат дека главните ирачко-курдски фракции ги толерираат прекуграничните операции на партијата.
Во дипломатските напори за сузбивање на кризата е вклучен и американскиот амбасадор во Ирак, Рајан Крокер кој разговарал со Барзани, со ирачкиот претседател Џалал Талабани - кој е од курдско потекло, и со ирачкиот премиер Нури Ал Малики.
Американските власти се загрижени дека евентуалната турска инвазија во Ирак ќе и` нанесе штета на безбедноста во регионот пошироко, ќе претставува опасност за релативниот мир во курдскиот регион во северен Ирак, како и закана за надежите на Турција за членство во ЕУ.