Потпретседателот на македонската влада Зоран Ставрески на денешниот дел од овогодишното Собрание на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка ќе биде назначен за претседавач на наредното, за 2008-ма година. Македонија и јас лично добивме голема чест, коментира Ставрески:
- Тоа е навистина големо признание, односно поддршка за Македонија како земја која финансиските институции ја признаа како еден од најдобрите реформатори во светот со четвртото место што го постигнавме оваа година и со квалитетните економски политики. Добивме таква можност што од 1954-та година практично ниту една земја од Холандската конституенца, во која е и Македонија, немала шанса да биде претседавач. За една мала земја како нашата, ова е голема чест и можност да се промовираме на економски и политички план.
Ставрески го наведува реформскиот курс на Македонија меѓу причините двете меѓународни организации да решат тој да биде наредниот претседавач со Годишното собрание:
- Објаснувањето е практично дека Македонија е лидер во реализацијата на реформите. Има одлични односи со двете институции. Спроведува квалитетни политики што покажуваат дека во земјата има реформски курс. Во тој контекст, јас, како еден од креаторите на економските политики, и врз основа на моето искуство што го стекнав тука преку позицијата на советник на извршниот директор во Светската банка во петте години пред да се вратам во Македонија на сегашната позиција -- сето тоа заокружено помогна да ја добиеме оваа поддршка. Поддршката е од сите европски земји. Се разбира, Холанѓаните беа најсилни поддржувачи и промотери на оваа идеја и би сакал и во оваа можност да им заблагодарам.
Македонската делегација викендов во Вашингтон преговарала со Светската банка за финансирање на инфраструктурни проекти. Ставрески најавува најмалку 25 до 35 милиони евра поддршка од Светската банка.
- Практично спроведуваме здрави финансиски политики во смисла на раздолжување – предвремено враќање на оние неповолни кредити кои беа со високи каматни стапки. Од друга страна, имаме амбициозна програма за следната година за финансирање на инфраструктурни проекти во енергетиката и пред се`, во патната инфраструктура – двата коридори 8 и 10, како и регионални и локални патишта, што се значајни за поголем развој на неразвиените подрачја во Македонија, на оние подрачја каде што е потребно да се подобрат сообраќајот и инфраструктурата, за да можат луѓето полесно да ги пласираат своите производи на пазарот, да можат да извезуваат, и слично. Во тој дел разговаравме со Светската банка околу можното финансирање и веќе имаме начелна поддршка. Сега преговараме околу износот – значи најмалку 25 до 35 милиони евра ќе биде поддршката од Светската банка за ова. За остатокот - ќе видиме во разговор со останатите меѓународни финансиски институции, а ја разгледуваме и можноста за издавање на обврзница. Дали ќе биде евробонд, или ќе биде можеби обврзница на јапонскиот пазар – самурај, или слично, тоа се варијанти што се разгледуваат и ќе се избере најповолната.