Линкови за пристапност

Во Македонија има прогрес во етничките односи „два чекора напред, еден назад“


Интервју со Скот Хејслет, Програмски директор за Македонија од Националниот демократски Институт

Македонија прави напредок во демократската транзиција. Националниот демократски институт работи со Парламентот и политичките партии на забрзување на демократските промени, вели Скот Хејслет, човекот задолжен за Македонија во Институтот во интервјуто за Глас на Америка на македонски.

Во составот на Парламентот во Македонија најголем прогрес е застапеноста на жените со 30 отсто. Новите напори за задолжително застапување на припадниците на другите малцински групи освен Албанците во идните собраниски состави е голем чекор напред, вели програмскиот директор на Националниот демократски институт за Македонија.

Има простор за подобрување на политичкиот дијалог во земјата, смета Хејслет. За неодамнешната физичка пресметка во Собранието вели:

- Тоа треба да го разгледа собраниската комисија која е задолжена за истрагата и ситуацијата и дијалогот треба да се подобрат за заедничките цели на Македонија.

За актуелните етнички односи во Македонија, Хејслет користи фолклорна аналогија:

- На некој начин - како орото. Два чекора напред, еден назад. Има напредок. Двете најголеми етнички групи, Македонците и Албанците треба да работат заедно за успехот на земјата.

Одговорниот во Нaционалниот демократски институт за Македонија најавува трилатерален партнерски проект меѓу ЗЕЛС, Собранието и НДИ за отворање канцеларии за подобрување на комуникацијата меѓу пратениците и граѓаните:

- За време на актуелниот мандат се надеваме да отвориме 65 канцеларии ширум земјата. Тоа значи дека ниту еден македонски граѓанин нема да биде оддалечен повеќе од 30 километри од канцеларија на власта што го претставува.

Ова со цел граѓаните да имаат место каде ќе се среќаваат со пратениците и ќе разговараат за проблемите, но и каде ќе можат да ги кажат нивните гледања на нештата во локалната заедница. Канцелариите треба да бидат врска меѓу граѓаните и државата, заврши Хејслет.

XS
SM
MD
LG