По разговорите со иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад неделава во Техеран, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека го поддржува иранскиот проект за нуклеарна енергија. Претседателот Буш, пак, синоќа кажа дека тоа не е она што Путин му го кажал минатиот месец на економскиот самит во Австралија, и очекува да чуе од него за разговорите во Техеран:
- Ме интересира дали и натаму е со иста загриженост како и јас. Кога бевме во Австралија, уште еднаш ми потврди дека не е во светски интерес Иран да има капацитет да развие нуклеарно оружје.
Претседателот Буш смета дека Русија е, цитираме, дел од добриот напредок во ОН за јакнење на економските санкции против Иран. Иако верува дека прашањето може да се реши диплоамтски, Буш сепак бара во Чешката Република и Полска да биде поставена противракетна одбрана од ирански проектили, на што Москва се противи, нудејќи за таа намена поранешна советска радарска станица во Азербејџан. Буш синоќа подвлече дека иранските нуклеарни амбиции се светски проблем.
- Иран да добие нуклеарно оружје ќе претставува закана по светскиот мир. Иранскиот лидер самиот изјави дека сака да го уништи Израел. Така, јас им кажав на некои луѓе – ако сакате да избегнете Трета светска војна, би требало да сте заинтересирани да го спречите Иран да дојде до знаења за изработка на нуклеарно оружје.
На Путин и Ахмадинеџад на средбата во Техеран им се приклучија и лидерите на Азербејџан, Казакстан и Туркенистан. Земјите се согласија ниту една од нив да не дозволи нејзина територија да биде употребена за напад врз сосед. Самитот на касписки земји истовремено даде поддршка на иранското право да користи нуклеарна енергија за мирнодопски цели како потписник на Договорот за неширење на нуклеарното оружје.