Линкови за пристапност

САД ја повикаа Турција да не презема воена акција против курдските бунтовници во Ирак 


Турскиот парламент со големо мнозинство гласаше за употреба на воена сила против курдските бунтовници во северен Ирак. Ваквата одлука и` дозволува на турската влада во рок од една година да врши прекугранични операции против бунтовниците.

Пред гласањето, турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган кажа дека одобрувањето од страна на парламентот не значи и дека веднаш ќе биде извршен напад. Турција ќе дејствува во вистинското време и кога условите тоа ќе го налагаат, најави првиот човек на турската влада.

На прес-конференција во Белата куќа, претседателот Буш коментираше:

- На Турција и предочуваме дека не сметаме оти е во нјезин најдобар интерес да испрати нови сили во Ирак. Таа веќе има стационирани сили во земјата.

Буш кажа дека официјален Вашингтон ја разбира турската загриженост поради курдските бунтовници, но дека постои подобар начин да се реши прашањето. Се прават напори за тоа, рече американскиот претседател, и ја повика Турција да се воздржи од акција што би можела да доведе до поширока ирачка војна

- Ви кажувам, се одвива обемен дијалог, и тој е позитивен.

Ирачкиот премиер Нури Ал-Малики по телефон на својот турски колега пред гласањето му ја повторил решеноста на Ирак да ги запре курдските бунтовници да ја користат земјата за напади во Турција.

XS
SM
MD
LG