Линкови за пристапност

Профил: Фред Томпсон


Како долгогодишен актер, Фред Далтон Томпсон, знае како да излезе на сцената. Тој одлучи својата кандидатура да ја соопшти во холивудски стил и тоа на популарното тв шоу на Џеј Лено. "Се наоѓаме онаму каде треба да бидеме и токму тоа е една од работите за која сакам да зборувам – Ќе се кандидирам за претседател на САД."

Следниот ден, 65-годишниот Томпсон на гласачите од Ајова, една од сојузните држави каде ќе се одржат предвремените избори на почетокот на 2008, им ги образложи причините за својата кандидатура. "Определен сум да носиме одлуки што ќе не направат посилна нација, понапредна и пообединета нација. Токму затоа се кандидирам за претседателската функција."

Поранешниот сенатор од Тенеси, кои претходно работел и како адвокат, без многу бука од Конгресот и се врати на глумата во 2002 година, кога и се придружи на актерската екипа од тв серијата „Закон и поредок“

Дури и пред официјално да се приклучи во трката за Белата куќа, анкетите покажаа дека Фред Томпсон беше пред многумина од неговите конкуренти и на национално ниво, се најде на второто место, веднаш зад поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани.

Политичките експерти, како Џон Фортиер од Институтот Американ ентерпрајс, се прашуваат дали Томсон ќе биде способен да ги инспирира републиканските гласачи. "Особено кога Џулијани и Џон МекКејн беа фаворити, републиканците бараа некој друг, поконзервативен кандидат. Тие се надеваа дека Роналд Реган ќе може да се врати меѓу живите, но секако тоа не е можно и затоа во Фред Томпсон видоа можна замена."

И други аналитичари направија споредба со поранешниот американски претседател. Ова е Лари Сабато, од Центарот за политички науки на Универзитетот Вирџинија. "Томпсон имаше квалитети слични на оние на Роналд Реган, пред се заради неговите врски со Холивуд. Републиканците едноставно отсекогаш сакале да го номинираат Реган, исто како што демократите отсекогаш сакале да го номинираат Џон Кенеди."

Јужњачкиот акцент на Томсон како и фактот што е приврзаник за конзервативните ставови, можно е да резултираат со негова популарност меѓу конзервативците на југот на САД. Тој го поддржува правото на граѓаните да поседуваат оружје, се противи на правото за абортус и јасно стави на знаење дека е за тоа САД да сторат се што е во нивна можност за да победат во Ирак. Но, некои експерти изразуваат скептицизам. Имаше дури и превирања во редовите на неговата кампања, а според некои, била вклучена и неговата сопруга Џери, инаку политички советник. Засега Томпсон нема голем успех и во прибирање финансиски средства.

Но, сега, кога веќе го зема местото на сцената, зависи токму од самиот Томпсон како ќе настапи во обидот да ја добие номинацијата од Републиканската партија и вистински да ја игра улогата на претседател на САД.

XS
SM
MD
LG