Добивањето на Нобеловата награда повторно го покрена прашањето дали поранешниот американски потпретседател ќе се кандидира за претседателските избори 2008-ма.
Моника Фридлендер е основач на групата Драфтгор-точка-ком, која со реклами и собирање потписи сака да го убеди некогашниот потпретседател повторно да се обиде да влезе во Белата куќа:
- Постои голем бран на поддршка и возбуда. Мошне е тешко да одолее, барем јас се надевам така.
Гор загуби на изборите во 2000-та во крајно тесната трка против сегашниот претседател Џорџ Буш. Тој повеќепати има кажано дека не планира повторно да се кандидира. Но, на упорни прашања, не ја исклучува можноста:
- Знаете, не сум посветен на тоа. Сега сум насочен на тоа како да се реши климатската криза.
Меѓу аналитичарите кои се сомневаат дека Гор политички ќе се активира е Том де Франк од весникот Њујорк Дејли Њуз:
- Се сомневам дека ќе се кандидира. Веројатно мошне добро заработува и добива пофалби, така што не сака повторно да влезе во политичката мелница.
Без оглед што не е кандидат, во најновите анкети Гор е на трето место меѓу демократите со околу 10 проценти поддршка, далеку зад Хилари Клинтон и Барак Обама и практично со ист учинок како Џон Едвардс.
Нобеловата награда за мир дојде по Оскарот што Гор го доби претходно годинава за најдобар документарец за својот филм за климатските промени насловен „Непријатна вистина“, Документарецот помогна прашањето да стане главна еколошка тема во САД и светот. Гор тогаш кажа:
- Треба да ја решиме климатската криза. Тоа не е политичко, туку морално прашање.
Но, гледиштата на Гор имаат и критичари, особено меѓу републиканците, како сенаторот Џим Инхофи.
- Илјaдници метеоролози, климатолози и научници не се согласуваат со вас. Дали сите тие грешат а вие сте во право?
Гор во петокот на веста дека ја добил Нобеловата награда изрази надеж дека тоа ќе ја покачи свеста за предизвиците од глобалното затоплување.