Линкови за пристапност

Нобеловата награда за eкономија ја добија тројца Американци


Економистите Леонид Хурвиц, Ерик Маскин и Роџер Маерсон се наградени за достигнувања во областа позната како теорија на дизајн на механизмите.

Секојдневно се соочуваме со донесување на одлуки што се поврзани со таканаречните механизми на распределба што ги проучувале Хурвиц, Маскин и Маерсон. Во повеќето економски трансакции, една или обете страни поседува приватна информација што не им е позната на другите. На пример, додека продавачот на автомобили точно знае која е набавната цена на возилото, купувачот не знае.

Заедничките проекти на компаниите може да се распаднат, иако и обете страни бележат профит, само поради тоа што секој од партнерите чувствува дека нема подеднаков удел во бизнисот.

Метафората на Адам Смит за „невидливата рака на капитализмот“ според која се донесуваат одлуките е корисна за да се опише како пазарите - под идеални услови - обезбедуваат ефикасна распределба на оскудни ресурси. Тројцата нобеловци истакнуваат дека во пракса условите ретко се идеални, конкурентноста на пазарот може да не е целосно слободна, потрошувачите можат да бидат нецелосно информирани, а рационалниот индивидуален избор може да чини непредвидена социјална или еколошка цена.

Теоријата на дизајн на механизмите ја зацрта Леонид Харвиц од Универзитетот Минесота во 60-те, а потоа ја рафинираа и применија Ерик Маскин од Харвард и Роџер Маерсон од Универзитетот Чикаго.

Тројцата нобеловци посекако не ја отфрлаат моќта на пазарната ефикасност – нивниот труд едноставно покажува кои трговски механизми, регулативни шеми и гласачки процедури најдобро функционират во вистински животни ситуации, особено при снабдувањето јавни добра.

Професорот Тор Елингсен, член на шведската Кралската академија на науки објаснува:

- Во земјите како Велика Британија, сведоци сме на примена на теоријата на дизајн на механизмите и тоа не само за поставување на трговските механизми за дерегулираните индустрии, туку и за регулирање на преостанатите монополи. Вистинскиот свет на институции се преобразува заради овие идеи.

Нобеловите награди за економија, како и за медицина, хемија, физика и литература, сите во поеиднечна вредност од 1,4 милиони долари, ќе бидат и официјално врачени на добитниците во декември во Стокхолм.

XS
SM
MD
LG