Линкови за пристапност

Започна судењето против Бучковски


Екс-премиерот Владо Бучковски денеска за првпат влезе во судницата, каде го очекува процесот за злоупотреба на службената положба во времето кога бил министер за одбрана. Но, само на кратко. Поради неодложни работи на еден од адвокатите, процесот беше прекинат и презакажан за 29-ти овој месец.

Пратеникот Бучковски едвај чека процесот да започне, за - како што вели - да ја докаже вистината во овој монтиран случај:

- Досега за жал, постапката не беше контрадикторна. Беа земени предвид наодите и доказите кои ги има презентирано само обвинителството. Се надевам дека ќе имаме фер судење, иако евидентно е дека и досега имаше притисок и не верувам дека ќе престане притисокот за дел од оние кои го монтираа случајот.

Тој жали што случајот не бил отворен пред 6 години кога и се случил, за - како што вели – се` да било завршено во еден ден.

- Условно речено, можевме да го завршиме процесот за еден ден ако двајца клучни сведоци беа меѓу живите. Тоа се поранешниот државен секретар Ѓоревски и поранешниот началник на ГШ, во тој момент мој советник, Панде Петровски. Но, и покрај тоа, сум оптимист и верувам дека ќе победи правдата.

Како првообвинет во случајот државата против екс-министерот за одбрана, екс- началникот на ГШ на АРМ Методи Стамболиски, против советникот во МО Аце Ѓурчевски, Нелко Менкиновски и директорот на МЗТ ФОП Митре Петковски, Бучковски се товари дека со набавка на непотребни делови за тенкови ја оштетил државата за 2 милиони евра. Сите обвинети се бранат од слобода, иако пред судењето сите освен Бучковски беа во притвор.

XS
SM
MD
LG