Линкови за пристапност

Љубиша Георгиевски сведочеше пред Анкетната комисија


„Ти прв ќе си го добиеш своето“. Со овие зборови пратеникот Блерим Беџети наводно му се обратил на претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски дента кога во Парламентот се случија физички пресметки меѓу пратениците на ДУИ, ПДП и ДПА. Во сведочењето пред Анкетната комисија која истражува што се случувало тој ден, Георгиевски откри дека инцидентите не завршиле во собраниските ходници – тие, според Георгиевски, продолжиле и во просториите што ги користи СДСМ.

- Тогаш ми се случи една од најстрашните сцени во животот, и најпарадоксалната, се разбира. Тогаш во собата втрча г-динот Блерим Беџети заедно со Сафет Незири и ми се внесе в лице, на 4 сантиметри од мене, и ми рече - ќе видиш ти, ти прв ќе си го добиеш своето. На тоа скокна г-динот Јани Макрадули и му рече - не, тој не е ништо виновен, тој ви ја спаси Теута. Меѓутоа, овој продолжи да се заканува. Скокна г-ѓа Шеќеринска и рече- немојте тоа, претседателот ви ја спаси Теута Арифи.

Токму Георгиевски беше главна тема на вчерашниот четврти ден од работата на комисијата. Лидерката на СДСМ Радмила Шеќеринска го посочи него како соучесник во инцидентите, бидејќи, како што вели, дозволил од говорницата да се обрати лидерот на ПДП Абдулади Вејсели, иако претходно имало друг договор постигнат на координацијата.

-Самиот тој го прекрши неколкупати договорениот и утврден распоред за дискусија, пред паузата за ручек. ,Впрочем, само како потврда, да споменам дека откако се случи инцидентот, бидејќи како што велите вие, седиме блиску, координаторот на вашата пратеничка група Силвана Бонева му довика, му кажа директно на претседателот на Собранието,- ова г-дине претседателе е ваша грешка. ,Не требаше да го дозволите ова.

Бонева призна,- му забележала на Георгиевски за потегот, на што тој и` возвратил со објаснување.

- Неговото кажување беше дека г-днот Вејсели, бидејќи два дена беше пријавен, тој дошол на ред, и сите видовме кога тој влезе во собраниската сала, и тој инсистирал да земе збор. Претседателот на Собранието кажа дека тој не може надвор од дадената листа, ако некој пратеник инсистира, да не му даде збор. И тогаш немаше место за коментар.

Парламентарната комисија за истрага на инцидентите според договорот треба за седум дена да ги собере сите неопходни информации и да подготви извештај. Но, овој рок е неизвесен, бидејќи уште на самиот почеток, нејзините членови побараа повеќе време за работа.

XS
SM
MD
LG