Во рамки на програма на Стејт департментот, новиве во САД група македонски градоначалници низ серија средби се запознава со американската структура на локалната самоуправа.
Првиот човек на Гази Баба Коце Трајановски за посетата вели:
- Начелно бевме информирани за организацијата на локалната самоуправа, големината на општините, бројот на жителите, начинот на кој се избираат раководните лица.
Децентрализацијата останува горливо прашање за првите луѓе на општините. За градоначалникот на Чаир Изет Меџити, таа не е реална:
- Имаше тенденција некои работи да се движат напред со усвојување на два закони, како што е законот за данок на имот на деловните објекти и законот за таксата за уличното осветлување, но оваа не е реална децентрализација.
Градоначалникот на Сарај Беким Фазлиу коментира:
- Се` уште сме на почетокот на втората фаза на децентрализацијата и мислам дека таа е успешна.
Градоначалничката на Крушево Лефкија Газоска исто така е оптимист:
- Секој почеток, иако тежок, дава надеж дека децентрализацијата понатаму - со одредени корекции - ќе се одвива побрзо или побавно, но сепак ќе се развива во насока на подобрување на услугите за граѓаните.
Во јуни започна втората или фискална фаза на децентрализацијата. Во неа влегоа само околу половина од општините. Градоначалникот на Карпош и претседателот на ЗЕЛС Андреј Петров за неа вели:
- Општините се со различен статус, различна појдовна точка, дел со наследени долгови и ова беше можеби максимумот што можеше да постигне. Меѓутоа, јас не сум за тоа да застанеме тука.
Првиот човек на Велес Аце Коцевски додава дека тоа е во рамки на реалните можности:
- Тоа беше логично и очекувано, затоа што има огромна разлика во степенот на развиеност на општините во Република Македонија и успех е што 42 општини поминаа во втората фаза, затоа што сите не стартуваа од еднаква позиција.
Тринеделната програма во другите сегменти ќе се реализира во Бурлингтон, сојузната држава Вермонт, Феникс - Аризона и Линколн - Небраска. Групата градоначалници се враќа во Македонија на 20-ти октомври.