Линкови за пристапност

Кампања за претседателските избори 2008-ма: водат Клинтон и Џулијани


Новата анкета на вестите на ТВ-мрежата Еј-Би-Си и весникот Вашингтон пост покажува дека поранешната прва американска дама, а сега сенаторка од Њујорк Хилари Клинтон е во водство со 53 проценти. На второ место е сенаторот од Илиноис, Барак Обама, кој има 20 проценти, а зад него поранешниот сенатор Џон Едвардс со 13.

Поддршката за Клинтон се засили во изминативе неколку месеци, што наведе бројни влијателни демократи да заклучат дека таа е најверојатниот кандидат на партијата за престојните претседателски избори.

Клинтон ветува промени во американската надворешна политика:

- Нема да чекам на заклетвата на функцијата. Дента кога ќе бидам избрана, ќе побарам од истакнати членови од обете партии да патуваат по светот со едноставна порака – ерата на каубојската дипломатија заврши. САД се вратија!


Па сепак, Клинтон не ќе има лесна задача во државите каде најпрвин ќе се одржат прелиминарни избори – Ајова и Њу Хемпшир – таму конкурентите Обама и Едвардс имаат добри рејтизни.

Поранешниот градоначалник на Њујорк Руди Џулијани води меѓу републиканците со 34 проценти. По него следат поранешниот сенатор Фред Томсон од Тенеси со 17 и сенаторот од Аризона Џон Мекејн со 12. Поранешниот гувернер од Масачусетс Мит Ромни има 11 проценти.

Џулијани вака објаснува зошто смета дека е најдобриот кандидат:

- Јас сум најголемата конкуренција на Клинтон. Имам водство пред неа во одредени сојузни држави кои вообичаено гласаат во полза на демократите. Никој од кандидатите во мојата партија го нема постигнато тоа.

Во анкетата на Еј-Би-Си и Вашингтон Пост, Хилари Клинтон води пред Џулијани со 51 наспроти 43 проценти.

Џулијани неодамна беше мета на критики од страна на верски козервативци од Републиканската партија кои не се согласуваат со неговите ставови во однос на абортусот, истополовите бракови и контролата на огненото оружје во САД. Но, аналитичарот Џон Фортиер од Институтот Ентерпрајс ја подвлекува репутацијата на Џулијани како енергичен лидер, која ја стекна по терористичките напади во САД во 2001-та:

- Мислам дека Џулијани е фаворит токму поради таа репутација. Без оглед што се му се даваа мали шанси, успеа да остане фаворит на национално ниво и да биде доста отворен околу прашањето на абортусот – дека го поддржува правото на избор, како и дека се разликува од одредени републиканци по некои социјални прашања.

Се очекува претседателските кандидати од обете партии да ги интензивираат своите кампањи воочи прелиминарните избори во Ајова и Њу Хемшир на почетокот на јануари наредната година.

XS
SM
MD
LG