Линкови за пристапност

Владимир Путин иден руски премиер? 


Путин на состанокот на провладината партија Обедината Русија кажа дека ќе застане на чело на листата нејзини кандидати на изборите и навести дека би можел да ја прифати функцијата премиер, велејќи дека тоа сценарио е „сосема реално“.

Според рускиот Устав, Путин нема право да се кандидира за трет мандат на претседателската функција и повеќепати има кажано дека не планира да направи промени во Уставот во таа насока.

Дејл Херспринг, експерт за Русија од Универзитетот Канзас, коментира дека Владимир Путин е човек со конкретна намера:

- Тој е убеден дека никој друг не ќе може да ја одржи земјата се` додека таа не стане институционализиран и стабилен систем. Одлучил дека - доколку влезе во парламентот – тој да стане нешто што има смисла, а ова е еден од начините да го стори тоа.


Херспринг смета дека Путин сака да гарантира здрава земја во политичка и економска смисла, која нема да се врати во период на нестабилност, како кога претседател беше Борис Елцин. Но, според експертите, стабилноста во Русија однесе одредена цена. Путин ја централизираше власта во претседателската функција, го ослабе влијанието на независните политички партии и оствари контрола врз националните медиуми. Тој ги стегна изборните закони во полза на провладините партии воочи парламентарните избори во декември и претседателските, во 2008-ма.

Маршал Голдман, експерт за Русија од Универзитетот Харвард, смета дека на 54-годишна возраст, Путин и натаму може да игра значителна политичка улога:

- Тој е очигледно премлад за да се пензионира и мошне полуларен кај рускиот народ по начинот на кој воведе ред и мир во земјата.

Аналитичарите прогнозираат дека постојат добри шанси Путин да стане премиер, бидејќи партијата Обединета Русија во моментов е најсилен политички ентитет во парламентот. Доколку Путин се најде на чело на листата кандидати за декемвриските избори, партијата најверојатно ќе добие уште повеќе пратенички места.

Ендрју Качинс, аналитичар на руската политика од Центарот за стратешки и меѓународни истражувања вели дека руската политичка сцена ќе се промени доколку Путин стане премиер:

- Дефинитивно би се префрлила моќта од претседателот на премиерот. Во моментов, рускиот устав од 1993-та и натаму овозможува силен претседателски систем, но можно е по парламентарните избори да уследи легислатива со која поголеми политички овластувања би добила владата на чело со премиерот, кој, пак, би бил номиниран, можеби директно, од партијата со парламентарно мнозинство.


Аналитичарите дури наведуваат дека Путин би можел повторно да се кандидира за претседател, по истекот на мандатот како премиер, по што повторно би уследиле промени во политичката моќ, овојпат обратно - од премирот, во полза на претседателот.

XS
SM
MD
LG