Линкови за пристапност

Американскиот Врховен суд ја отфрли тужбата на Калед Ел Масри


Врховниот суд ја отфрли тужбата на Калед Ел-Масри без објаснување.

Овој германски државјанин од либанско потекло тврди дека агенти на ЦИА го грабнале од Македонија во 2003-та и го префрлиле во Авганистан каде бил држен со месеци и измачуван. Ел-Масри бил пуштен на слобода во 2004-та откако - како што наведува - американските власти увиделе дека не е вмешан во тероризам.

Владата на претседателот Буш спореше дека тужбата на Ел-Масри треба да биде отфрлена бидејќи да се дозволи парницата против ЦИА да се најде пред суд би значело да се откријат државни тајни. Пониските федерални судови решија во полза на владата и Врховниот суд стави точка на случајот со одлуката да не ја разгледа тужбата.

Случајот Ел-Масри предизвика огорчени реакции во Германија и ги мобилизираше организациите за граѓански и човекови права на негова страна.

Шерон Бредфорд Френклин е адвокат ангажиран во организацијата Проект Устав која се залага за штитење на граѓанските слободи во војната против тероризмот:

- Многу сме разочарани што судот одлучи да го отфрли случајот. Навистина сметавме дека ова е одлична можност судот да го преиспита обемот на привилегијата државни тајни.

Врховниот суд формално го призна владиното право да заштитува државни тајни во пресудата од 1953-та година, во случајот во кој на американската армија и` беше дозволено да ги задржи како тајна деталите за уривање на еден авион.

Случајот Ел-Масри сврти внимание на програмата на ЦИА на префрлање на лица осомничени за тероризам од една земја во друга поради испрашување.

Организациите за човекови права ја критикуваа програмата и покренаа прашања за наводна тортура на осомничените. Тие се надеваа дека случајот Ел-Масри ќе фрли светло на ситуацијата.

Џенифер Дакал од Хјуман Рајтс Воч вели:

- Владата на Буш ја користи доктрината на државни тајни либерално за да бара отфрлање на случаи што покренуваат незгодни прашања за владата и што можеби би разоткриле незаконски дејствија.

Белата куќа ја поздрави одлуката на Врховниот суд. Претседателскиот портпарол Дејна Перино изјави:

- Нашата земја се соочува со досега невидени закани во однос на Ал-Каида и останати терористи и верувам дека Одделот за правда е внимателен во примената на актот за државни тајни.

Претседателот Буш повеќепати ја бранеше владината политика во војната против тероризмот. Минатата недела тој ги отфрли наводите за тортура:

- Оваа влада не измачува лица. Се држиме до американските закони и меѓународните обврски.

Германија порано годинава побара САД да испорачаат 13 осомничени агенти на ЦИА за да им се суди во случајот Ел-Масри, но САД го одбија барањето.

XS
SM
MD
LG