Линкови за пристапност

МВР:  Обид за шверц на Косовари во Шведска


Инцидентот се случил во саботата, а во него, според македонската полиција, се вмешани војници од шведскиот контингент на КФОР и еден дипломат во Шведската амбасада во Скопје. Петмината членови на семејството Идризи од Косово не успеале со помош на вториот секретар во шведската амбасада во Скопје да заминат во Стокхолм преку скопскиот аеродром. Биле откриени дека во Македонија влегле нелегално, преку помошниот граничен премин на Блаце кој го користат силите на НАТО на Косово, велат во МВР.

-При извршената контрола на патници утврдено е дека лицата немале влезен печат во РМ. Тие пристигнале на Аеродромот со три теренски возила од припадници на шведскиот контингент на КФОР, инаку придружувани од страна на едно лице дипломат вработен во Шведската амбасада во Скопје, изјави портпаролот на македонското МВР Иво Котевски.

Во МВР додаваат дека откако шведскиот дипломат задолжен за административни и конзуларни работи не успеал да ја убеди граничната полиција да ги пропушти шведските државјани да заминат за Стокхолм, со возилата заминале на Блаце, каде било побарано од македонската полиција да стави дополнителен печат во пасошите за странци што биле издадени во Скопје. Откако и тоа не успеало, џиповите на КФОР насилно ја минале границата кај Блаце и избегале на Косово.

-Нашите служби добиле известување дека џиповите го напуштиле и граничниот премин Генерал Јанковиќ од косовска страна и дека не застанале на ниту едно предупредување, ниту од УНМИК, ниту од КФОР, вели Котевски.

Шведскиот дипломат кој останал на граничниот премин, бил пуштен од полицијата дури по интервенцијата на шведската амбасадорка. Од амбасадата немаат коментар за инцидентот. Македонските власти ја информиле шведската влада и НАТО во Брисел, од каде биле добиени информации дека шведските сили на КФОР немале дозвола тој ден да ја напуштат базата на Косово.

Пред три месеци на Блаце беа фатени 19 мина жители на Косово кои во Македонија се обиделе да влезат со фалсификувани шведски пасоши.

XS
SM
MD
LG