Линкови за пристапност

Кавга меѓу ВМРО ДПМНЕ и претседателот Црвенковски за анкетата на Брима Галуп


Чии податоци се поверодостојни - на Брима Галуп или на Меѓународниот републикански институт? На оваа тема повторно преписка меѓу ВМРО - ДПМНЕ и претседателот Бранко Црвенковски. Повод е вчерашната анкета на Брима Галуп изработена за потребите на шефот на државата, според која претседателот Црвенковски му се приближува на премиерот Никола Груевски во однос на поддршката кај јавноста. За владејачката ВМРО ДПМНЕ овие резултати се наместени.

- Дали е точно дека Бранко Црвенковски му дал 10.000 евра на Ѓорѓи Кимов од Брима Галуп за да ја фалсификува анкетата објавена вчера во медиумите? Ги прашуваме Бранко Црвенковски и Радмила Шеќеринска, како е можно резултатите објавени вчера од страна на г-динот Кимов да се толку различни од резултатите објавени од меѓународно реномираниот Меѓународен републикански институт, ако се земе предвид фактот дека анкетата што ја објави ИРИ е изработена токму од Брима Галуп.

„Претседателот ни досега ни отсега нема да ги коментира глупостите и гадостите од второто јас на подвоената личност Никола Груевски, која се појавува во ликот и неделото на портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Александар Бичиклиски“, е реакцијата од Кабинетот на претседателот Црвенковски.

Според најновата анкета на ИРИ, што ја презентираше владејачката партија, ВМРО- ДПМНЕ има најголем рејтинг меѓу македонските граѓани. Доколку утре би биле спроведени избори, за оваа партија би гласале 29 процети од граѓаните. 10 проценти помалку подршка има ДУИ, потоа следуваат СДСМ со 8, ДПА со 6, НСДП 2 и ДОМ еден процент.

На прашањето дали претседателот на државата треба да биде реизбран, во анкетата на ИРИ,61 процент рекле не, 20 да, 19 не знаат, а на прашањето дали премеирот треба повторно да биде избран, 54 проценти одговориле со да, 30 - не, а 16 проценти не знаат.

Овие проценти, велат во ВМРО- ДПМНЕ се сосема различни со вчера објавените од Брима Галуп, според која шефот на државата ја ужива поддршката на 25,4 насто од граѓаните, а премиерот на 36,4 проценти, додека СДСМ двојно го зголемил рејтингот во однос на ВМРО -ДПМНЕ.

XS
SM
MD
LG