Линкови за пристапност

Рајс: потребен е нов консензус за справување со климатските промени


Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс ја отвори средбата на која присуствуваат официјални лица од 17 нации, одговорни за најголемото загадување во светот, меѓу нив САД, Кина и Индија.

Таа рече дека лидерите мора да постигнат нов меѓународен консензус со цел да се справат со предизвикот од климатските промени:

„Сите претставуваме разни интереси и размислувања, но мора да одговориме заеднички на едно основно прашање – во каков свет сакаме да живееме и каков свет сакаме да им оставиме на идните генерации?

САД, Кина и Индија се противат на задолжително намалување на издувните гасови во атмосферата, што е заложба од повеќето земји во ЕУ и во ОН.

Претходно неделава, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун претседаваше со невообичаена конференција посветена на климатските промени, која требаше да биде увертира за состанокот на ОН во Индонезија, подоцна годинава. Бан рече дека верува оти многу индустриски развоени земји се подготвени да се заложат за поголемо намалување на јаглеродниот диоксид и други штетни издувни гасови.

Секретарот Рајс изјави дека САД ги поддржуваат целите на ОН за климатските промени, но оти не верува дека има една формула за постигнување баланс меѓу економските растеж и заштитата на животната средина:

Секоја земја ќе донесе свои одлуки, кои ќе бидат одраз на нивните потреби и интереси, како и личните извори на енергија и домашната заштита на животната средина. Обединети во заедничките цели и колективната одговорност, сите нации треба да се справуваат со глобалните климатски потреби на начин на кој најдобро умеат.“

Во САД, Рајс рече дека претседателот Буш работи на намалување на користењето на бензин, унапредување на процесот на намалување на потрошувачката на гориво, како и развој употребата на алтернативни горива.

Рајс рече дека актуелниот систем е надминат, а статус-квото не е соодветен одговор, затоа што моменталниот тренд во светот е како што рече, - неприфатлив избор:

Да го жртвуваме глобалниот економски напредок за да обезбедиме здравје за нашата планета или да го жртвуваме нејзиното здравје за да продолжи економските растеж. Тоа е избор што не смее да постои.“

Таа рече дека дво-дневната конференција во Вашингтон треба да донесе согласност за долгогодишни цели за намалување на емисијата на издувни гасови и поголема соработка во приватниот сектор за поставување нови стратегии по 2012-та, кога истекува актуелниот договор од Кјото.

Претседателот Буш се противи на протоколот од Кјото, кој е потпишан од повеќе од 160 нации. Според него, Кјото ја повредува американската економија и не ги вклучува економиите во развој. Се очекува денеска пред прусутните делегати во Вашингтон да се обрати претседателот Буш.

XS
SM
MD
LG