На листата на глобални реформатори во можностите за водење бизнис во периодот 2006-2007 води Египет, потоа доаѓа Хрватска, па Гана, а на четврто место е Македонија, која високо се котира поради реформи во категориите „започнување на бизнис“, „издавање на дозволи“, и „плаќање на даноци“.
Мелиса Џонс, коавтор на петтиот годишен извештај на Светската банка насловен „Водење на бизнис 2008-ма“ коментира дека олеснувањето на бизнис-регулативите е исплатливо од повеќе аспекти:
- Во глобала утврдивме дека земјите што спровеле најголеми реформи искусиле поголем профит во берзански инвестиции и имаат помала невработеност. Исто така, инвеститорите одат во земјите кои спровеле најмногу реформи. Без оглед каде на почетокот биле рангирани, ваквите земји со подобрување на бизнис-климата добиваат резултати од реформите.
Извештајот рангира 178 економии според тоа колку е лесно во нив да се започне бизнис. На оваа главна листа веќе втора година по ред Сингапур е на прво место, а зад него се Нов Зеланд и САД. Според Светската банка, големите економии во подем, како Индија, Кина и Турција, се реформираат со забрзано темпо, а реформи има и на Блискиот Исток и во Северна Африка.