За прв пат од примањето во членство, македонскиот претседател беше во првата група говорници, на првиот ден, кога излагања имаа Генералниот секретар на ОН, Претседателот на Генералното собрание и претседателот на САД. Овој пат, тоа беше ден кога зборуваа и анимираниот претседател на Никарагва Даниел Ортега, непосредно пред претседателот Бранко Црвенковски, и иранскиот Махмуд Ахмединеџад, што го задржаа вниманието до доцните попладневни часови.
Па сепак, за Македонија, а секако и за Генералното собрание, ќе остане забележан моментот кога беше најавен претседателот Црвенковски. Претседателот на 62-то заседание на Генералното собрание Срѓан Керим ги изговори зборовите заборавени во тие простории – „Република Македонија“.
Претставникот на Грција, амбасадорот Џон Мурикис веднаш ја крена палката за приговор. Откако го сослуша, претседателот Керим одговори дека од таа позиција негова должност е да го заштити достоинството на секоја држава и го повика г-динот Црвенковски на говорницата.
Но, тоа не беше крај на драмата. Откако Црвенковски го прочита подготвениот говор, заврши со зборовите: „На крајот, пред ова Собрание, сакам да нагласам дека имато на мојата земја е и секогаш ќе биде Република Македонија!“
Чувствувајќи дека топката сега е на нивни терен, членовите на грчката делегација, набрзина, по излагањето на Црвенковски свикаа пред-конференција. Амбасадорот Мурикис на малата група новинари кои се одзваа на повикот, лично се потруди секој од нив, меѓу кои и вашиот известувач, да ги забележи острите зборови на протест: „Претседателот Срѓан Керим ја злоупотреби позицијата за промовирање национални интереси“. Амбасадорот отиде до таму да тврди дека е сигурен оти господинот Керим постапил по инструкции од неговата сопствена влада. „Ние го избравме да биде непристрасен и да постапува во согласност со неговите должности. Наместо тоа“, кажа амбасадорот, „тој се постави како претставник на својата земја“.
За господата Керим и Црвенковски, случајот, барем за ова заседание е затворен. И двајцата продолжија со активностите не навраќајќи се на инцидентот.
Во меѓувреме прашањето останува, а вечерва медијаторот Нимиц на планирана средба со претседателот Црвенковски се очекува да најави дека наскоро ќе излезе со нов предлог.