Линкови за пристапност

Црвенковски: „Името на мојата земја е и ќе биде Република Македонија“


„Името на мојата земја е и ќе биде Република Македонија“, рече претседателот Бранко Црвенковски на крајот на своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк. Ова беше негов одговор на реакцијата на претставникот на Грција кога Црвенковски беше најавен во дебатата како „претседател на Република Македонија“. Веднаш уследи грчка реакција што содржеше цитати од декларациите на ОН со кои се воспоставува провизорно име за Македонија- поранешна југословенска Република Македонија или ФИРОМ, додека не се разреши спорот со името. Но, претседателот на 62-то заседание на Генералното собрание Срѓан Керим, откако го ислуша приговорот, му се заблагодари на грчкиот претставник во име на претседателството на Собранието на ОН и одговори:

- “Целосно сум свесен за фактите што беа изнесени во изјавата на почитуваниот претставник на Грција. Истовремено, како претседател на Генералното собрание, имам должност да покажам целосна почит за достоинството на секоја земја-членка на ОН, меѓу кои и мојата. А сега го поканувам претседателот Бранко Црвенковски да се обрати на собранието“.

На крајот, исто така останувајќи доследен на формулацијата, Керим побара придружба за „претседателот на Република Македонија“ од подиумот до неговото место.

Што се однесува до самиот говор на Црвенковски, тој беше конципиран во согласност со големата тема на овој собир-климатските промени. Рефлектирајќи го насловот на дебатата, Црвенковски рече дека наша обврска е да ја зачуваме планетата за идните генерации. Тој се заложи за јасна политичка поддршка во рамки на можностите да се одговори на негативното влијание на глобалното затоплување, додека во истовреме не се попречува економскиот развој и намалувањето на сиромаштијата.

Претседателот рече дека Македонија има силна волја да работи со новиот Совет за човекови права, поткрепувајќи го тоа со податокот дека веќе е поднесена апликација за членство во оваа тело за периодот 2009-2012 година.

Во заокружувањето на говорот Црвенковски нагласи дека главен приоритет за Македонија останува техничката демаркација на северната границата со Косово, а по прашањето за статусот на покраината тој рече дека Македонија силно се противи на неодамна спомената можност за поделба на Косово по етнички линии, поради негативните импликации во целиот регион.

XS
SM
MD
LG