Најпрвин, домаќинот, претседателот на Универзитетот Колумбија, Ли Болинџер во уводното излагање пред говорот на Махмуд Ахмадинеџад му порача на иранскиот претседател дека ги покажува сите знаци на „мал и суров диктатор“.
Говорот на Ахмадинеџад е еден од најконтроверзните настани на неговиот дневен ред на посетата на Њујорк неделава, и тој предизвика протести од активисти за човекови права, медиумите и политичарите.
Болинџер јавно го предизвика Ахмадинеџад да одговори на прашања за иранската нуклеарна програма, поддршката за тероризмот, и прогонот на интелектуалци, верски групи и останати во Иран. Болинџер кажа и дека тоа што Ахмадинеџад го порекнува дека се случил холокаустот го направило да остави претстава на смешен човек, кој или е безобзирно провокативен, или опасно необразован. Претседателот Ахмадинеџад има јавно повикано на уништување на Израел и порекнува дека имало холокауст.
Иранскиот шеф на државата му заблагодари на бога за можноста да говори на универзитетот, и додаде дека Болинџер го навредил и него, и присутните. Тој кажа дека ќе одговори на прашањата по обраќањето, но веќе на првото – дали тој и неговата влада се за деструкција на Израел како еврејска држава, не одговори со да или не.
Иранскиот лидер ќе се обрати на Генералното собрание на ОН во вторник.
Критичарите велат дека Универзитетот Комубија не требало да му даде платформа на иранскиот лидер. Болинџер кажа дека тоа е дел од американската традиција на слобода на говорот.
На претходна средба со новинари, Ахмадинеџад вчера кажа дека начинот на кој американската влада се обидува да управува со светот е погрешен и води до крвопролевање. Тој го обвини официјален Вашингтон дека се обидува да добие предности за себе, а истовремено да им ги ускрати на другите. Го повтори и својот став дека не би можел да го признае Израел. Ахмадинеџад не одговори директно на прашањата за извештаи за угнетување на жените во Иран и погубување на новинари, обвинувајќи ги медиумите дека ги извртуваат информациите.
Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс вчера изјави дека ќе беше погрешно на иранскиот претседател да му дозволеше да го посети местото каде се наоѓаа кулите-близначки на Светскиот трговски центар, каде тој побара да положи венец за жртвите на терористичките напади од 11-ти септември 2001-ва. Њујоршката полиција го одби барањето, наведувајќи безбедносни причини.
Американската влада тврди дека Иран ги поддржува шиитските бунтовници во Ирак кои напаѓаат американски војници, како и дека Техеран се обидува да дојде до нуклеарно оружје. Иран ги негира обете тврдења.