Интервју со Милчо Манчевски, режисер на „Сенки“
„Сенки“ е македонски кандидат за номинацијата за претстижната филмска награда Оскар во категорија филм од неанглиско говорно подрачје. Очекувано или не?
- Мора да признам дека не е некое големо изненадување. Тоа е убаво за екипата и за глумците, со кои заедно се намачивме да го направиме филмот како што треба. Од друга, страна филмови не се прават ниту за награди, ниту за признанија, туку за да кажат нешто убаво или нешто важно. Филмот не е спорт, не е атлетика, нема што да се натпреваруваме. Важно е она што ќе го направиш да му остане на некого во срцето или во умот.
- Дали си задоволен од светската премиера на „Сенки“ на меѓународниот филмски фестивал во Торонто?
- Задоволен сум. Исто така сум задоволен и од самата проекција и од фестивалот, кој е одлично место за ваква промоција, затоа што е посетен од луѓе кои го сакаат филмот. Торонто не е фестивал кој го раководи филмската индустрија, туку е фокусиран на самата публика. Имаше три јавни и две затворени проекции. Сите беа полни и од фид-бекот што го добивам, мислам дека филмот мина одлично.
- Како реагираше публиката на новите, млади актери во твојот најнов филм, што вообичаено ги откриваш, условно речено, при секој твој нов проект?
- Публиката реагираше одлично. Мислам дека и тие сега се затекнати во центарот на вниманието. Апсолутно заслужено, бидејќи мислам дека се одлични актери. Имаа извонредна енергија и тоа се гледа и по реакциите од публиката. Очекувам поширокиот аудиториум да ги засака, а тие, како глумци, да имаат долга и сериозна кариера.
Кога е закажана европска, па и македонска премиера на филмот?
- Стратегијата за Европа и Азија во моментов ја прави „Баварија Филмс“. Европската кино-премиера ќе биде во Македонија. Кон крајот на октомври, доколку обезбедиме технички услови, би била и официјалната премиера на „Сенки“ во Скопје. Проблемот со техничките услови е сериозен. Скопје од 16 кина се сведе на двеипол. Мораме некои кино-сали да ги доопремиме со цел публиката да го види не само овој филм, во какво-такво пристојно издание.
Дали познатиот музички шлагер „Еден бакнеж“ во изведба на Нина Спирова, што е главна музичка тема во „Сенки“ ги оправда очекувањата, односно својата функција во филмот?
Тоа одлично функционира. Прво, затоа што е многу убава песна, а второ, претставува дел од македонското културно наследство и јас како такво го третирам во филмот.