27 правници го започнуваат процесот на создавање судски кадри во Македонија, ослободени од политичките влијанија. Тие се првите ученици на новата Академија за судии и обвинители, која стартуваше од пред три дена, а е дел од судските реформи.
Македонските власти, а и странските претставници, имаат големи очекувања од Академијата. Премиерот Никола Груевски очекува таа да обезбеди професионално, независно и непристрасно вршење на судиската и обвинителската функција. “Слободата е право да се постапува онака како што дозволува законот“ - на вчерашната официјална промоција на Академијата, тој на кандидатите им порача да се водат од ова мото на Монтескје.
- Отпочнувањето на работата на академијата овозможи институционализирање и подигнување на повисоко ниво на обуката на судиите и обвинителите. Ова е во согласност со препораката на Комитетот на министри на Советот на Европа за независноста, ефикасноста и улогата на судиите и значаен предуслов и критериум за отпочнување на преговорите на РМ како земја - кандидат за полноправно членство во ЕУ, рече Груевски.
Формирањето на Академијата за амбасадорката на САД во Македонија Џилијен Миловановиќ ја зајакнува заложбата за поддршка на судските реформи, процес што мора да се забрза за да се остварат евроатланстките аспирации. Американскиот дипломат ја искористи приликата да им укаже на македонските власти, дека пред нив стои уште едно нерешено, а многу важно прашање од правосудната област- докомплетирањето на Републичкиот судски совет:
- Премиерот, претседателот, понатаму лидерите на партиите, вклучително и оние од опозицијата, ќе се сретнат и ќе работат заедно да ги разрешат веќе премногу долготрајните одолговлекувања при основањето на Судскиот совет. Решавањето на овој проблем - уште еднаш повторувам - е приоритет кој најмногу е врзан со иднината на Македонија, но и со нејзините евроатланстки аспирации, особено членството во НАТО.
И европретставникот Ерван Фуере се надева дека со Академијата, Македонија ќе добие независно судство, ослободено од политичкото влијание:
- Судските реформи се основен предуслов за исполнување на политичките критериуми за членство и за одредување на временски рамки за отпочнување на преговорите за пристапување кон Унијата.
Обуката за идните судии и јавни обвинители ќе трае 15 месеци, со практична обука во судовите, работа со судии- ментори, изучување на европското право и обуки во Франција и Луксембург. Преку КАРДС програмата се обезбедени 1.200.000 евра техничка помош за академијата, а другите пари ќе дојдат од буџетот.