Линкови за пристапност

Јанкуловска за безбедносната состојба


Безбедносната состојба во Македонија е редовна, тврди министерката за внатреши работи Гордана Јанкуловска. Без да навлегува во статистиката, таа вели дека правната држава функционира на целата територија, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир, а она на што најмногу се работи е организираниот криминал.

- Особено интензивни активности се преземаат во сферата на економскиот и организираниот криминал, особено во спречување на инкриминации кои директно влијаат на ослабување на моќта на државата. Тука пред се` мислам на коруптивно однесување, перење пари, злоупотреба на службена положба, итн.

Таа пред парламентарната комисија за одбрана и безбедност одговараше на прашања за безбедносната ситуација во земјата - најмногу за случајот Ваксинце.

Есад Рахиќ со директно прашање до Јанкуловска - дали убиството на полицискиот командир било „наместено“?

- И загинатиот Фатмир Алили, и еден од луѓето што загинаа од - условно речено - бандата што пукаше во нив, се загинати од исто оружје, односно дека не станувало збор за редовна контрола, туку за една акција што е пресретната. Значи, вие треба како министер да проверите дали ви протекла информацијата, кој ја пробил, и втората работа, она во што не сакам да верувам, е дека има малку поинакви политички импликации, односно обид за „местење“, некој се обидел да направи малку поголема игра, за подоцна да има политички импликации.

Според Рахиќ, командирот вечерта бил специјално повикан од свадба во Тетово. Јован Манасиевски, пак беше незадоволен од реферирањето на министерката Јанкуловска. Според него, таа всушност ништо не кажала за случајот. Акцијата на МВР во Ваксинце за него е неуспешна и поради тоа што никој од членовите на бандата не е во рацете на државата. Претходно комисијата го одби неговото барање за овој случај да се расправа на затворена седница.

XS
SM
MD
LG