Линкови за пристапност

Рафајловска за ТЕЦ „Неготино“


Министерката за економија Вера Рафајловска јавно ги демантираше медиумските шпекулации дека не смее или не сака да го потпише купопродажниот договор за ТЕЦ „Неготино“, кој според македонските медиуми и опозицијата е спорен, заради контроверзната одлука на тендерот и пројавениот интерес на американскиот Стејт Департмент, и барањето отчет од македонските власти од Европската банка за обнова и развој и Меѓународната финансиска корпорација - ИФЦ.

Според Рафајловска, потпишувањето на договорот за купопродажба на акциите на ТЕЦ „Неготино“ доцнело поради годишните одмори, поради неопходното формално-правно почитување на одредени рокови и поради донесениот заклучок на Владата - да се побара од компаниите што го сочинуваат конзорциумот „Хач“ да достават нови податоци неопходни за спроведување на договорот: најнови изводи од трговските регистри во државите каде што им е седиштето, изјави во кои ќе прецизираат кој дел од акциите ќе биде во рамките на секоја компанија, за да бидат заведени во Централниот регистар на Македонија, и изјава дека ќе го почитуваат членот 28 од Договорот за купопродажба - што се однесува на таканаречената ладнаа резерва - во следните 54 месеци додека не се изгради новиот објект.

Писмото од Владата со најновите барања до членките на конзорциумот е испратено пред два дена. Министерката Рафајловска беше децидна:

- Јас не сум политичар. Јас сум дојдена да работам за она што е развој на економијата на Република Македонија и како стручњак да придонесам за тој дел. Ова е еден – единствен, може да се каже - цврст договор во кој и Република Македонија, и нејзините граѓани, се максимално заштитени. Како министер за економија, нема да потпишам ниту еден договор што ќе биде штетен за Република Македонија, и, секако, за граѓаните на Република Македонија.

Според министерката Рафајловска, дури и доколку второрангираната фирма на тендерот, грчко-американската компанија „Сенкап“ ја тужи Македонија како што најави, тоа нема да има негативни последици оти тендерот бил спроведен правилно и во конкретниот случај „Сенкап“ бил прворангиран во однос на цената, но канадски „Хач“ бил прворангиран според сите останати барања на тендерот. Рафајловска потенцираше дека за првпат во еден договор со странска фирма, надлежноста за неговото непочитување ја имаат македонските судови, дека договорот е напишан на македонски јазик и дека сите негови одредби максимално ја штитат Македонија.

XS
SM
MD
LG