Линкови за пристапност

Буш:  спор напредок во Ирак бидејќи земјата уште се опоравува од Садам Хусеин


Кога Буш порано годинава објави дека испраќа засилувања во Ирак, една од целите беше Ирачаните до ноември да преземат контрола за безбедноста во сите 18 покраини. Рокот, очигледно ќе биде пробиен. Американски армиски лица сега велат дека до тоа нема да дојде барем до јули наредната година.

Признавајќи дека напредокот е побавен од очекуваното, Буш на прес-конференцијата во Белата куќа кажа дека сепак:

- Остануваат истите цели. Дали ги остваривме доволно брзо? Не. Но, тоа не значи дека треба да се откажеме од нив.

Буш смета дека една од причините зошто не дошло до, како што вели, „инстант-демократија“ е што Ирачаните се` уште се опоравуваат од насилството на поранешниот режим - Садам Хусеин направил се` за да спречи појавување на личност како Нелсон Мандела во Јужна Африка:

- Садам Хусен ги уби сите Мандели. Тој беше тиранин кој ги подели луѓето. Тие се` уште се опоравуваат психолошки, и тоа е тежок процес.

Буш се обидува да ја засили јавната поддршка за ирачката војна, делумно и со најавата дека напредокот во Ирак сега му овозможува да повлече речиси 6 илјади војници од Ирак до крајот на годината. Ирак е централното прашање во кампањата за американските претседателски избори 2008-ма. Опозиционите демократи бараат да се вратат уште поголем број сили, а повеќето републиканци, пак, го поддржуваат претседателот.

Според анкета на вестите на Си-Би-Ес оваа недела, 70 проценти од Американците се против ирачката политика на Буш.

XS
SM
MD
LG