Линкови за пристапност

Рајс: го поддржуваме билатералниот дијалог за создавање палестинска држава


Рајс пристигна во Ерусалим во време кога израелскиот кабинет ја оквалификува Газа како, цитираме, непријателски ентитет. Одлуката, донесена како резултат на најновиот палестински гранатен напад, значи дека Израел би го ограничил напливот на виталните залихи за Газа, вклучувајќи ја електричната енергија, водата и горивото. Целта на овој чекор е да се изврши притисок врз владеачката исламска милитантна група во Газа, Хамас, да ги прекине гранатните напади на израелски цели.

Од Кондолиза Рајс беше побарана реакција за оваа одлука за време на прес-конференцијата во Ерусалим:

-Не е тајна дека САД го сметаат Хамас за терористичка организација и дека сме загрижени за фактот што Хамас го стори она што го стори во Газа, против легитимните институции на Палестинската Управа.

Рајс зборуваше за насилното преземање на контролата врз Појасот Газа од страна на исламската милитантна група пред три месеци, што резултираше со повлекување на силите на спротивната и поумерена фракција Фатах, предводена од претседателот Махмуд Абас, кој ја има поддршката од западните земји.

Рајс ова го изјави по средбата со израелскиот министер за надворешни работи Ѕипи Ливни, кој вели дека новите мерки против Хамас се оправдани бидејќи Израел се повлекол од Газа пред две години:

-Иако мислевме дека со нашето повлекување од Појасот Газа, ќе се означи почетокот на формирање на палестинска држава која се надевам ќе може да живее во мир со Израел, она што добивме за возврат се терористички напади и тоа секојдневни терористички напади врз израелските граѓани.

Хамас од своја страна одлуката за построги санкции врз Газа ја смета за објава на војна и додаде дека палестинскиот народ нема да се покори на израелските напори тој да се предаде.

Главната цел на посетата на американскиот државен секретар на регионот е да се поттикнат владите на Израел и на Абас да потпишат заеднички документ за палестинска државност. Таа изјави дека:

-Се залагаме што е можно повеќе да го поддржиме овој билатерален дијалог. Се надеваме дека ќе резултира со обострано разбирање за начините за создавање палестинска држава, така што двата соседа ќе можат да живеат во мир и слобода.

Но различните ставови и натаму преовладуваат. Израел се залага за широко дефинирање на принципите за креирање на палестинска држава, а Палестинците сакаат да постои обврзувачки договор за клучните прашања како Ерусалим, бегалците и обележувањето на границите.

XS
SM
MD
LG