ОН ќе бидат домаќин на шефовите на држави и влади кои доаѓаат практично од сите четири страни на светот. Истовремено, секоја година стотици илјади туристи го посетуваат седиштето на светската организација и според коментарите, некои од нив не се најпријателски настроени.
Сеедно дали се работи за жители на Тајван кои имаат аспирации за влез или Европејци кои сметаат дека организацијата вештачки постои, вакви реакции не се невообичаени.
Водичот на туристите, Анима Дуа по потекло од Гана, вели:
-Не се само Американците кои сметаат дека ОН се губење на време, трошење пари на бирократи кои не прават ништо. И Европејци мислат така.
На неколку различни јазици, шест дена во неделата, водичите одговараат и на прашања на посетители кои веруваат дека организацијата може да дејствува унилатерално. Таа додава:
-Се повеќе сфаќам дека ОН се составени од вашата земја, од мојата и од земјите на сите други. Работата на ОН доаѓа преку работата на луѓето или од работата на сите овие различни земји.
Водичот објаснува како функционира Советот за безбедност, Генералното Собрание и мировните мисии. Се дискутира и за напорите на ОН кои честопати не се на насловните страници, како обидите за намалување на сиромаштијата во светот, на пример.
И светските лидери, кои ќе учествуваат на 62-та по ред сесија на Генералното собрание, слично како и туристите, честопати изразуваат мошне различни ставови околу мисијата на ОН и нејзината ефикасност.
Претседавач на Генералното собрание сега е поранешниот македонски министер за надворешни работи Срѓан Керим, чиј мандат е една година.
Од 2001 до 2003 година Керим беше амбасадор на Постојаната мисија на Македонија во ОН, а на оваа функција беше избран на 24 мај, 2007.