Линкови за пристапност

Нова книга – Ален Гринспен ја критикува владата на Буш за економијата, ирачката војна


Поранешниот директор на Американските федерални резерви Ален Гринспен во својата нова книга „Време на турбуленции: авантурите во новиот свет“ ја критикува владата на претседателот Буш за фискална неодговорност и ја обвинува сопствената Републиканска партија дека го загубила правецот.

Ален Гринспен беше на чело на Федералните резерви преку 18 години. Според сите сведоштва, тој и претседателот Буш биле во добри односи. Самиот Буш за Гринспан еднаш кажа:

- Тој доминираше во своето доба како ниту еден друг централен банкар. Придонесе за подобар живот на сите Американци и му благодарам за службата.

Но, во своите мемоари, Гринспен искажува фрустрираност поради тоа што претседателот Буш, цитираме, „нема волја“ да ги стави трошоците под контрола. Тој исто така го критикува и Конгресот, во време кога беше под републиканците - дека не ги исполнил своите фискални обврски.

Последен пат американската влада имаше буџетски вишок во 2001-ва, кога претседателот Буш дојде на власт. Оттогаш дефицитот достигна рекордни нивоа.

Еден од демократските кандидати за претседателските избори 2008-ма, Хилари Клинтон, веднаш реагираше на книгата на Гринспен со коментар:

- Дури и Ален Гринспен, кој самиот се произнесе за републиканец, му дава на мојот сопруг признание дека завршил одлична работа во однос на економијата.

Но, Гринспен наиде и на критики. Некои економисти велат дека неговата политика на ниски каматни стапки резултираше во тоа голем број Американци да купат домови за кои не можат да го плаќаат кредитот. На републиканците, пак, им пречи тврдењето на Гринспен дека нафтата била основна причина за војната во Ирак. Поранешниот градоначалник на Њујорк и републикански кандидат за претседател Рудолф Џулијани вели:

- Грешка е да се поедноставува дека причината е само нафатата. Според мене, ирачката војна беше со цел да се отстрани столбот на поддршка за исламскиот терор – Садам Хусеин.

На иста линија е и секретарот за одбрана Роберт Гејтс:

- Исто се тврдеше и за Заливската војна во 1991-ва. Јас, едноставно, не верувам дека тоа е точно.

Политичката контроверза навидум му иде во прилог на Гринспен. Продавачите на книги преку Интернет велат дека „Време на турбуленции: авантурите во новиот свет“, која почна да се продава во понеделникот, веќе е на чело на листата најпродавани книги.

XS
SM
MD
LG