Група американски армиски експерти врши проверка на руската радарска станица во Азербејџан, што Русија ја нуди како алтернатива за американскиот план за изградба на систем за противракетна одбрана во Централна Европа.
Русија, која од Азербејџан ја изнајмува станицата Габала, понуди заеднички да го користи објектот со САД, во замена за тоа Вашингтон да се откаже од планот да инсталира противракетен систем во Полска и Чешката Република.
Американската делегација ја предводи бригадниот генерал Патрик О’Рајли, заменик директор на Американската агенција за противракетна одбрана.
Шестчлената група врши инспекција на радарската станица заедно со армиски експерти од Азербејџан и Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин предложи заедничко користење на објектот за време на средбата со претседателот Буш во јуни, кој пројави интерес за идејата. Обајцата се согласија на меѓусебна соработка со цел САД, Русија и Европа да ја отстранат заканата од евентуален ракетен напад од страна на таканаречените непринципиелни земји.