Портпаролот на ирачката влада Али ал-Даба денеска изјави дека кабинетот одлучил да изврши проценка на работата на сите локални и странски безбедносни компании, согласно ирачкиот закон.
Тој кажа и дека владата ја поддржала одлуката на Министерството за одбрана за суспендирање на работата на американската компанија „Блеквотер“, вмешана во престрелката во неделата, во која, според ирачки претставници, загинале осум ирачки цивили.
Вчера, американскиот државен секретар Кондолиза Рајс во телефонскиот разговор со ирачкиот премиер Нури ал-Малики, изрази жалење за цивилните жртви и вети спроведување на целосна истрага по инцидентот. Тој се случил откако американски дипломатски конвој бил нападнат и приватната безбедносна придружба отворила оган.