Линкови за пристапност

Хилари во претседателската трка - учествува за да победи


Сенаторот Хилари Клинтон продолжува да води на полето на кандидати кои бараат номинација од Демократската партија на изборите за претседател во 2008-ма. Потпирајќи се на искуството, таа е определена да стане прва жена избрана на чело во Белата куќа.

За неа не треба посебно претставување. Објавувајќи влегување во трката, таа кажа – „Влегувам за да победам!“ Клинтон е единствениот кандидат кој има искуство од Белата куќа, како прва дама за време на двата претседателски мандата на нејзиниот сопруг Бил Клинтон. Лари Сабато, кој е на чело со Центарот за политика при Универзитетот во Вирџинија, смета дека тоа ја прави сериозен кандидат:

"Според сите параметри таа веќе била ко-претседател и ги знае работите. На некој начин, таа се бори за трет мандат. Како дел од структурата на Демократската партија, како кандидат од естаблишментот и од клинтоновата организација - јасно е дека таа е силен фаворит за победа."

Но и покрај нејзиното водство во анкетите, некои, вклучувајќи и политичари од редовите на нејзината партија, се скептични. Пред се заради нејзината репутација на мошне поларизирачка фигура. Анкетите покажуваат дека има најголем негативен имиџ меѓу сите претседателски кандидати од двете партии, што во најголем дел доаѓа од нејзините години минати во Белата куќа.

Таа се заложи за реформи во здравствениот систем. Нејзиниот план не доби конгресна поддршка поради критиката дека е премногу комплексен и бирократски.

Таа доби симпатии, но и критики за нејзината одлука да застане зад нејзиниот сопруг во аферата Моника Левински. Сите овие контроверзи, според Лари Сабато, имаат негативно влијание на нејзината кампања за Белата Куќа.

Од друга страна, политичките аналитичари сметаат дека искуството на Хилари Клинтон во Сенатската комисија за вооружени сили и нејзината волја за натпартиска соработка кога се работи за прашања од национална безбедност, може да и` помогнат.

XS
SM
MD
LG