Линкови за пристапност

Напредокот во Ирак побавен од очекуваното


Генералот Дејвид Петреус вели дека верува оти САД можат да се вратат на нивото пред испраќањето на дополнителни војници во земјата, до средината на наредната година.

Тој сведочеше на заедничкиот распит пред две влијателни комисии на Претставничкиот дом за функционалноста на планот на претседателот Буш пред осум месеци, за испраќање на дополнителни американски трупи во Ирак. Евентуалното повлекување на овие 30.000 војници вклучени во операциите, ќе значи дека во земјата ќе останат околу 130.000 трупи.

Петреус додаде дека воените цели на планираните операции се исполнети во голем дел. Тој истакна дека општо земено, забележано е намалување на бројот на цивилните жртви, но дека тој број и натаму е загрижувачки. Генералот додаде дека е охрабрен од повлекувањето на одредени племенски лидери од редовите на Ал Каида во провинцијата Ал Анбар и оти тој тренд се шири и во другите области.

На истиот распит сведочеше и американскиот амбасадор во Ирак, Рајан Крокер, кој зборуваше за политичките услови во земјата. Тој рече дека придобивките на национално ниво се случуваат побавно од очекуваното и оти е забележан поголем напредок на локално ниво. Амбасадорот Крокер додаде дека не може да гарантира успех во Ирак, но верува дека тој може да се постигне и го повика американскиот народ на трпение.

За денеска е закажан уште еден распит, овојпат пред сенатска група, а најновите настани се случуваат во време кога Конгресот расправа за тоа кога и како американските војници да бидат повлечени од Ирак.

XS
SM
MD
LG