Линкови за пристапност

Македонија ги интензивира активностите за анимирање на дијаспората во Канада


Нема прецизни податоци за бројноста на македонските иселеници во Торонто, Канада, но таа секако не е занемарлива. Македонската влада започна проекти за анимирање на дијаспората и нејзино поврзување со татковината. Репортажа на Јане Бојаџиевски од Торонто.

Во Торонто официјално живеат околу 5 милиони жители. Мегалополис, збиралиште на етнички групи од сите делови од светот, каде секој во потрага по подобар живот остава трага. Велат, најбројна е италијанската и ирската заедница, кои имаат свои квартови со кафулиња, ресторани и продавници со производи од нивните земји.

Актуелните односи меѓу македонската дијаспора и канадската влада се на високо ниво, коментира Сашко Тодоровски, вршител на должноста генерален конзул во Торонто и директор за дијаспора во Министерството за надворешни работи на РМ:

- Ние гледамe еден беневолентен однос од домашната средина кои сите нашинци. Најдобар пример е последната одлука на градоначалникот на Маркам – Френк Карпити, кој заедно со градскиот совет одлучија две улици да се именуваат како Битола и Даме Груев.

Има системски пропуст, смета Тодоровски, и додава дека македонската заедница во Канада не ги користи доволно институциите и демократијата во оваа земја за остварување на своите активности со помош од канадската влада.

Зошто нема точен податок колку Македонци живеат во Канада? Ве-де конзулот наведува неколку причини: иселениците од Македонија не се пријавуваат, не известуваат за промена на државјанство, некои лица се во фаза на прифаќање друго државјанство, конкретно канадско, потоа на некои им е нерегулиран статусот во Канада, а некои немаат македонско државјанство и никогаш не се пријавиле да го добијат.

Што прави Македонија во обидот за анимирање на иселениците во Канада?

- Владата формираше посебно координативно тело за иселеници. За прв пат, со буџетот од 2007-ма, се определија фиксни средства во износ од околу 110.000 евра. Тоа е надвор од се` она што ресорните министерствва го добиваат во рамки на индивидуалните буџетски ставки.

За подигање на квалитетот на грижата за дијаспората за 2007-ма се зацртани 7 проекти. Меѓу нив - изработка на прирачник “Мојата татковина – Македонија“, информатор за инвестирање во македонските извозни капацитети, македонски филмски фестивал во Торонто, и Летен камп Ластовичка, наменет за деца од дијаспората од 13-16 години, кои летниот одмор ќе го минуваат во Македонија, со цел да држат „чекор“ со современата форма на македонскиот јазик и животот во земјата.

XS
SM
MD
LG