Независна експертска група на распит во Конгресот прогнозираше дека ќе бидат потребни 12 до 18 месеци пред ирачките сили да бидат подготвени да преземат одговорност за безбедноста на земјата.
Извештајот пред Сенатската комисија за вооружени сили го поднесе раководителот на групата армиски и безбедносни експерти, пензионираниот генерал од родот маринци Џејмс Џонс. Извештајот наведува дека ирачката армија постигнала значителен напредок, но дека сепак ќе бидат потребни барем две години да може да обезбеди логистичка поддршка за своите копнени сили.
Експертите предочуваат дека во редовите на ирачката полиција постои подвоеност и корупција, што треба да бидат искоренети.
- Комисијата предложи распуштање и реорганизација на националната полиција, за која оценуваме дека е премногу секташка – 85 проценти од полицајците се шиити. Taa e груба во извршување на задачите, и без доверба на луѓето од друга етничка припадност. Постојат наводи дека корупцијата е вткаена во полицијата, кажа генералот Џонс на распитот.
Групата вели дека политичкото помирување е единствениот начин Ирак да постигне долгорочна стабилност.
Американскиот амбасадор во Ирак Рајан Крокер и главниот командант во оваа земја, генералот Дејвид Петреус, кон средината на месецов пред Конгресот ќе ја изложат својата проценка за безбедносната ситуација во Ирак.