Линкови за пристапност

Климатските промени – главна тема на 62-рото заседание на Генералното собрание на ОН


Интервју со Срѓан Керим, претседавач со 62-рото Генерално собрание на ОН

Претседавачот со 62-рото Генерално собрание на ОН Срѓан Керим на средбите во Вашингтон од американскиот заменик државен секретар Џон Негропонте бил запознат со американскиот став за реформите во Светската организација, спроти почетокот на неговиот едногодишен мандат во Њујорк.

- Која е целта на посетата во Вашингтон? Каде беше ставен акцентот во разговорите со американски официјални лица?

- Со оваа посета на Вашингтон завршува циклусот на подготовки за претстојното 62-ро заседание на Генералното собрание на О Н. Претходно бев во Москва, Пекинг, Токио, Берлин, Лондон и други престолнини на земјите-членки на ОН. Посетата во Вашингтон има цел да се консултирам со американската влада и сенатот за нивните приоритети и гледања што треба да доминираат на заседанието.

Кои ќе бидат доминатни теми на септемврискиот собир на шефови на држави и влади на 62-рото Генерално собрание?

– Прва и најзначајна тема ќе бидат климатските промени. Тоа ќе биде и предмет на расправата на 24-ти септември, каде ќе присуствуваат голем број на шефови на држави и влади на една консултативна средба што ја организираме генералниот секретар и јас. Од 25-ти овој месец почнува главната дебата за тоа какви одговори и политики се спремни да подржуваат земјите-членки во справувањето со климатските промени.

Кои суштински реформи може да се очекуваат за време на Вашиот едногодишен мандат во Њујорк?

- Тешко е да се спроведат покрупни реформи во едногодишен мандат. ОН се организација каде работите се одвиваат чекор по чекор. Сериозен напредок може да се очекува во дефинирањето на една заедничка политика околу климатските промени, во барањето на заеднички одговори, солидарноста и соработката меѓу земјите-членки на ОН во борбата против тероризмот, како и во однос на финансирањето на развојот. Се планира да се разгледаат таканаречените Милениумски цели кои беа усвоени од страна на еден голем репрезентативен самит на времето во ОН. Меѓутоа, во изминатите седум години има слаби и недоволни резултати. За таа цел се планира средба на светските лидери во ОН, за да се изврши ревизија на целите и можност за нивно побрзо спроведување.

- Со какви предизвици се соочуваат ОН денес?

- Пред се`, со голем број обврски во правец на зачувување на мирот и безбедноста во светот. ОН имаат најголем број војници - мировници ангажирани во земјите каде има кризни жаришта и конфликти. Тоа е најголемата воена сила која се употребува во однос на кризниот менаџмент во светот.

Дали може евентуалната поделба на Косово да се одрази врз стабилноста на другите земји во регионот?

- Сигурно. Затоа е добро да се најде едно решение, прифатливо за двете страни, но и решение за кое одговорност ќе носи Советот за безбедност. Тоа ќе биде добро за земјите-членки во регионот, но и за угледот и престижот на Светската организација. Добро е што е можно поскоро да се најде такво решение.

XS
SM
MD
LG