Линкови за пристапност

Откриен заговор за големи терористички напади во Германија


Според германските власти лицата се осомничени исламски милитанти и уапсени заради наводно планирање на бомбашки напади на повеќе локации вклучувајќи ја и американската воена база во Рамстаин, како и франкфуртскиот меѓународен аеродром.


Германски федерални обвинители велат дека двајца од тројцата во притвор се германски државјани кои ја прифатиле исламската вера. Се верува дека лицата добиле обука во кампови во Пакистан управувани од група позната под името Сојуз на исламскиот џихад. Третото задржано лице е или турски или пакистански државјанин, кој исто така бил обучуван во Пакистан.

Германскте власти велат дека лицата, сите на дваесетина години возраст, набавиле 700 килограми хидроген пероксид што може да се употреби за производство на експлозивни направи дури поголеми од оние употребени во Лондон и во мадридскиот напад на железницата.


Во Стразбур, главниот претставник на правосудството на ЕУ, Франко Фратини, вели дека и покрај апсењето, нивото на закана во Европа не е намалено:


-Сите извори индицираат дека заканата од нови терористички напади продолжува да биде висока. Властите на нашите земји-членки беа во можност да спречат неколку напади, за што мора да сме многу благодарни. Зборувам за Шпанија, Италија, Белгија, Велика Британија и Германија.

Официјалните лица велат дека осомничените биле набљудувани долго време. Уапсени се во вторникот во куќа за одмор во централна Германија.

Последниве месеци германски и американски официјални лица предупредуваа за можноста од нови напади, и безбедносните мерки беа засилени.


XS
SM
MD
LG