Линкови за пристапност

Во Македонија има економски напредок


Во последниве 12 месеци, Македонија бележи напредок, економијата се подобрува, владата води борба против корупцијата – анализира Мајк Зафировски, првиот човек на канадскиот гигант Нортел. За него е голема чест што претседателот Буш го номинираше за член на Националната советодавна комисија за безбедност во телекомуникацискиот сектор.

- Од каде доаѓа идејата Македонија 2025?

„Идејата за Македонија 2025 се роди пред година и пол. Разговаравме за тоа неколкумина бизнисмени кои живеат надвор од САД да го понудат искуството и знаење во економскиот развој на Македонија. Свесни сме дека тоа нема да се случи преку ноќ, и ќе бидат потребни неколку години, најверојатно околу 15-тина, со цел земјата да стане како просечните европски држави“, вели Мајк Зафировски.

Бордот на бизнисмени од дијаспората во кои е и Зафировски брои осуммина. Тие при неодамнешната посета на Македонија ги советувале домашните стопанственици како да ги трансформираат бизнис-плановите во јасни стратегии за привлекување инвестиции и развој на компаниите:

Во кои сфери е фокусиран проектот?

- „Веруваме дека Македонија може најбрзо да се развива во четири области: информациона технологија, лесни производствени услуги како примерот со Џонсон Контролс кој влегува во Македонија. Третата област е туризмот, а четвртата производството на храна“.

Прашан да го коментира порастот на бруто-домашниот производ во Македонија за седум проценти во првиот квартал од годината, што претставува највисок процент од осамостојувањето пред 17 години, Зафировски изрази резервираност:

„Еден квартал не прави тренд. Изминатите години, бруто-домашниот производ растеше за 3 до 4 проценти. Треба да имате 6-7 проценти пораст неколку години по ред, со цел да ги почуствувате придобивките од растежот.“

За привлекување странски инвестиции, познатиот бизнисмен од македонско потекло смета дека најважен предуслов е зголемување на довербата во правниот систем и фукционирање на институциите на системот, како и отстранување на бирократските пречки, кои, вели, многупати се покажало дека го кочат влезот на големи имиња од финанскиот и економски свет.

Дали ја прифативте советничката улога што ја понуди претседателот Буш?

„Да, ја прифатив понудата. Имавме прв состанок пред неколку недели. Се работи за состав од 20 генерални директори од областа на информационата технологија. Работиме на најважните безбедносни прашања со кои се соочуваат комуникациските системи. Понудата од претседателот Буш е голема чест за мене и се надевам дека Нортел со своето искуство ќе понуди сугестии што ќе бидат од големо значење за Америка“.

Канадскиот гигант Нортел планира да влезе во заеднички бизнис во Југоисточна Европа со друга компанија во областа од телекомукациите, најави Зафировски.

XS
SM
MD
LG