Денот на трудот во САД се празнува на првиот понеделник во септември. Целта е да се оддаде почит на тешката работа и посветеност на поединците од американската работна сила. Стана национален празник во 1894, и оттогаш е голем дел од американската култура.
Во најраните денови на празникот, Денот на трудот значел борба во интерес на работникот. Во САД, претседателот Гровер Кливленд го прогласил празникот по притисокот од работничките синдикати. За многу држави овој празник е на Први мај, како комеморација на денот во 1886 кога трудовите синдикати во САД и Канада воспоставиле осумчасовен работен ден. Денес, на Денот на трудот повеќе се празнува а помалку се протестира.
За многумина, како за марла Врендли од Вашингтон, денот означува крај на летото:
-Обично имам голем проект зацртан за летото, што никогаш не се исполнува, така што сето тоа го правам за време на Празникот на трудот.
За наставникот во пензија Бад Физел, значењето на Денот на трудот е променето:
-За мене секогаш овој празник значеше дека треба да работам. 35 години мојата работа започнуваше ден по празникот, кога жетвата беше завршена и училиштето може да започне. Денес училиштето започнува порано и ова е првиот празник што го имаме во учебната година.
Традиционално, Американците патуваат за Денот на трудот. Американската автомобилска асоцијација очекува 34 милиони луѓе на патиштата. Но, ќе има и паради и излети во природа насекаде низ Америка.