Линкови за пристапност

Нова напнатост на релација САД-Иран


Американската армија вели дека ги ослободила осуммината Иранци, вклучувајќи и двајца со дипломатски пасоши. Армијата додава дека Иранците биле задржани на кусо испрашување бидејќи во нивните возила било пронајдено оружје без дозвола за негово поседување.

Ова е не прв пат американски трупи да уапсат ирански државјани во Ирак. Во американска надлежност и натаму се наоѓаат петммина Иранци кои беа уапсени во северен Ирак во јануари. Лицата се обвинети дека им помагале на милитантите во Ирак кои се борат против американските и ирачките сили.

Вашингтон подолго време го обвинува Иран дека го поддржува насилството во Ирак, а во вторникот претседателот Буш повторно го повика Техеран да го прекине ваквиот однос:

- Иранскиот режим мора да ги прекине активностите, а додека не го стори тоа, јас ќе сторам се за да ги заштитам нашите трупи.

Техеран негира дека обезбедува обука или опрема за бунтовниците или паравојската во Ирак. На неодамнешната прес-конференција во Техеран, претседателот Махмуд Ахмадинеџад кажа дека „силата на окупаторот во Ирак слабее“ и предвиде неизбежен вакуум во власта во Ирак. Иранскиот лидер рече дека Техеран заедно со соседите и сојузниците во регионот би помогнал во пополнувањето на тој вакуум.

Иако Вашингтон го повикува Иран да игра попозитивна улога и да помогне во стабилизацијата на Ирак, американската влада истовремено е загрижена дека Иран само сака да го зголеми своето влијание врз Ирак и регионот.

Јост Хилтерман е директор за Блискиот Исток во Меѓународната кризна група. Тој за Гласот на Америка изјави дека иранскиот претседател е во право кога вели дека постои вакуум во власта во Ирак, додавајќи дека тој и би се зголемил со повлекувањето на американските сили. Хилтерман сепак смета дека Ахмадинеџад греши ако мисли оти Иран би можел да да излезе во пресрет и да го пополни тој празен простор:

- Нема шанси Иран да може да ги контролира различните конфликти што денес постојат во Ирак. Сметам дека иранските безбедносни претставници всушност се мошне загрижени за евентуалното повлекување на САД од Ирак, како и за фактот дека Иран би требало да се справи со вакуумот како последица на повлекувањето.

Овој експерт додава дека во Ирак во моментов не постои еден, туку серија граѓански конфликти. Хилтерман смета дека иако ниту САД, ниту Иран не можат да ги запрат овие судири, од особена важност е земјите од регионот да учествуваат во решението за спречување на ширењето на насилството надвор од ирачките граници

XS
SM
MD
LG