Линкови за пристапност

Буш: Иран мора да прекине да ги вооружува ирачките милитанти


Во обраќањето пред Американската легија – најбројната организација на воени ветерани во САД, Џорџ Буш подвлече дека победата во војната во Ирак е од витално значење за долгорочната стабилност на САД и иднината на Блискиот Исток.

Спооред Буш, екстремистите во регионот се инспирирани од две струи на насилен исламски радикализам, што се насочени на Ирак во обидот да ја срушат тамошната млада демократија. Претседателот кажа дека сунитскиот екстремизам, олицетворен во Ал-Каида и сојузниците, е одговорен за терористичките напади врз САД во 2001-ва како и за насилствата врз муслимани во Алжир, Јордан, Египет и Саудиска Арабија. Шиитскиот екстремизам, пак, вели Буш, е отелотворен во Иран, и тој е закана по безбедноста на нациите насекаде во светот со обидот да дојде до технологија што би можела да се искористи за развој на нуклеарно оружје.

Иран, смета Буш, ги финансира милитантите на Хезболах и ги вооружува ирачките екстремисти за напад на американските сили:

-Некои велат дека иранските лидери не знаат за тоа што прават членови на нивниот сопствен режим. Други пак, велат, дека иранските лидери активно се обидуваат да го испровоцираат Западот. Како и да е`, тие не можат да ја избегнат одговорноста поради помагање на нападите против коалиционите сили и убиството на недолжни Ирачани. Иранскиот режим мора да го запре таквото нешто, а се` додека не го запре, јас ќе преземам неопходни мерки за заштита на нашите сили.

Буш вели дека ги овластил американските воени команданти во Ирак да се спротистават на, цитираме, „убиствените активности на Техеран“.

Мнозинството Американци сега верува дека војната во Ирак била грешка. Според анкета на ТВ-мрежата Си-Би-Ес месецов, над две третини од Американците не го одобруваат начинот на кој претседателот управува со ирачката војна.

Претставници на Белата куќа напоменуваат дека вчерашниот говор, заедно со минатонеделното обраќање пред друга група ветерани – Ветерани од војните во странство, е со цел да го подвлече поширокиот контекст на конфиктот во Ирак пред претстојниот извештај до Конгресот за тоа дали одлуката на претседателот од јануари годинава да испрати засилувања во Ирак дала резултати. Претседателот е решен да не носи нови одлуки за Ирак до поднесувањето на извештајот на 15-ти септември, но вчера сепак подвлече дека би било грешка САД да се повлечат од Ирак пред да ја добијат војната.

XS
SM
MD
LG